Вакцина против Ковид-19 треба да примат сите граѓани над 16 години, освен оние кои имале силен алергиски одговор на нешто во минатото.
Како што рече пулмологот д-р Дејан Докиќ вечерва во „Топ тема“, постојано го прашуваат кои алергични луѓе не треба да се вакцинираат против корона вирусот.
– Само оние луѓе кои имале силен одговор со анафилактичен шок, кога ве облива ладна пот, се намалува притисокот, имате отежнато дишење, состојба блиско до смрт, а се третира со инекција-пенкало адреналин не се препорачува да се вакцинираат против корона вирус. Такви алергиски реакции даваат пенеицилинот, потоа некои риби и морски плодови, убод од пчела или оса. За другите видови алергии кои се манифестирале со полесна слика, нема никаква пречка пациентите кои ги имале да не се вакцинираат со која и да е вакцина против Ковид-19, рече Докиќ.
Според него, исто така не се препорачува да се вакцинират деца до 16 години затоа што ни една вакцина нема направено истражувања на оваа категорија граѓани.