Македонија 29. јули 2018. / 12:31

УТРЕ СОБРАНИЕТО ОДЛУЧУВА: Како ќе биде распишан референдум за Северна без да биде објавен законот во Службен весник

УТРЕ СОБРАНИЕТО ОДЛУЧУВА: Како ќе биде распишан референдум за Северна без да биде објавен законот во Службен весник

Собранието на Република Македонија се очекува утре да има седница за распишување на најавениот есенски референдум за смена на уставното име на Република Македонија. Оваа седница засега официјално не е најавена на собраниската веб страница, иако 30 јули се посочуваше како еден од крајните датуми за негово распишување.

Нема официјална информација ниту за тоа дали владејачките партии и опозицијата ги имаат усогласено ставовите околу референдумското прашање за кое имаа најголеми разлики.

Според професорката на скопскиот Правен факултет, д-р Тања Каракамишева, која е експерт во оваа сфера, согласно Уставот и законот за референдум власта може да донесе одлука за распишување референдум со 61 пратеник. Таа појаснува дека  не и треба опозицијата ниту за изгласување на одлуката за распишување на референдумот, ниту за формулирање на референдумското прашање.

– Она што е посебно проблематично е како власта планира да распише референдум за закон што се уште не е објавен во Службен весник. Најверојатно намерата на власта е в понеделник рано наутро директорот на Службен весник да го објави Законот за склучување, ратификација и извршување на преспанскиот договор за да можат пратениците да донесат одлука за распишување на референдумот на закажаната понеделничка седница. Проблемот и кривичната одговорност во таков случај ќе се пренасочи кон директорот на ЈП Службен весник кој ќе објави закон спротивно на чл. 75 од Уставот односно без потпис на претседателот Ѓорге Иванов, за што ќе сноси кривична одговорност, ако не сега, тогаш сигурно подоцна. Ниту Законот за ратификација, ниту Законот за јазиците не се потпишани од претседателот Иванов што значи дека не смеат да бидат објавени во Службен весник. Ако тоа сепак го направи директорот, тогаш мора да му биде јасно дека ќе сноси кривична одговорност по чл.353-в од Кривичниот законик, но и по чл.353, објави Каракамишева на својот профил на Фејсбук

Таа смета дека „власта ќе бутка се наеднаш и тоа намерно во време на летни одмори кога најголем дел од луѓето се одмораат најавуваше во неколку наврати Таљат Џафери според кого објавувањето на Законот за јазици е прашање на време“.

– Мене ми изгледа дека тоа време им е дојдено и дека во понеделник ќе направат уште еден уставен пуч, односно директна повреда на уставниот поредок на земјата. Да ги следиме будно чекорите на власта. Тие никогаш не биле во согласност со правото, зошто сега би правеле исклучок, пишува Каракамишева.

Според Законот, референдум на државно ниво распишува Собранието на РМ и тоа по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150 илјади граѓани. Предлогот за распишување референдум на државно ниво со образложение се поднесува до претседателот на Собранието на РМ, кој е должен во рок од 30 дена од поднесувњето на предлогот да донесе одлука за распишување на референдум. Одлуката потоа се објавува во Службен весник и други средства за јавно инфоемирање. Од денот на објавувањето до одржувањето на референдумот не можат да поминат помалку од 60, ниту повеќе од 90 дена.