Македонија 28. февруари 2021. / 21:47

Утре пристига новиот контингент пушки М-4 донација од САД

Утре пристига новиот контингент пушки М-4 донација од САД

Станува збор за 1.269 автоматски пушки М-4.

Утре во 10.00 часот во касарната во Ѓорче Петров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз ќе присуствуваат на примопредавањето на американска донација од 1.269 автоматски пушки М-4 за потребите на Армијата на Република Македонија.

Во саботата министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошникот на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, Мара Карлин, во Скопје и во Вашингтон го потпишаа новиот Меморандум за соработка во одбраната помеѓу двете земји.

На потпишувањето на Меморандумот во Министерството за одбрана присуствуваше амбасадорката на САД, Кејт Брнз.

– Новиот Меморандум ја отсликува исклучително блиската одбранбена соработка помеѓу двете земји која низ последните години стануваше сè поинтензивна и го заменува постојниот Меморандум за соработка кој беше потпишан во далечната 1994 година, соопшти Минитсерството за одбрана.

Меморандумот најавува унапредување на стратешкото партнерство преку заеднички обуки и вежби, унапредување на можностите за борба против тероризмот, поинтензивна размена во професионалното воено образование, како и подобрување на интероперативноста.

САД се едни од најголемите поддржувачи на развојот на македонските вооружени сили последните скоро три децении. Во овој период, преку програмата за меѓународна воена помош, Македонија од САД доби опрема во вредност од над 150 милиони долари, а преку програмата за тренинг и едукација, на високите воени школи и центри за обуки во САД, школувани се над 800 припадници на Армијата и вработени во одбраната.