Македонија 11. мај 2019. / 17:32

Утре напладне седница за инаугурација на Пендаровски

Утре напладне седница за инаугурација на Пендаровски

Утре точно напладне во Собранието на Северна Македонија ќе се одржи свечена седница за инаугурација на претседателот Стево Пендаровски. Говорот на Пендаровски и заклетвата во Собранието ќе го следат и неговите колеги, Илир Мета од Албанија, Румен Радев од Бугарија, Хашим Тачи од Косово и Александар Вучиќ од Србија како шефовите на црногорската и грчката дипломатија, Дармановиќ и Катругалос. И покрај тоа што беше поканет, на инаугурацијата нема да присуствува грчкиот претседател Прокопис Павлопулос поради неговата посета на Кина.

По инаугурацијата, Пендаровски ќе замине во претседателската резиденција Вила Водно. За време на примопредавањето, планирано е Пендаровски да се запознае и да одржи пригоден говор пред членовите на Кабинетот на досегашниот претседател Ѓорге Иванов. По завршување на средбата, Пендаровски и Иванов ќе одржат заедничка прес-конференција.

Пендаровски е избран за претседател по победата во вториот круг на шестите претседателски избори од независноста на државата. Тој ќе биде петтиот претседател на Македонија, прв на Република Северна Македонија.