Македонија 21. мај 2020. / 19:54

Владата утре ќе одлучува за полицискиот час за претстојниот викенд

Владата утре ќе одлучува за полицискиот час за претстојниот викенд

Во текот на утрешниот ден ќе има одлука на Владата каков полициски час ќе има викендов. Се вршат консултации, досега се почитуваа препораките, ние ги следиме експертските мислења. Ќе мора да одиме кон олабавување на мерките, но тоа значи почитување на другите нерестриктивни мерки, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на вечерашното гостувањето на ТВ 24, потенцирајќи дека олабавувањето на мерките е правопропорционално со почитување на препораките.

Тој вели дека тие мерки не се почитуваат, не се носат маски, не се почитува растојание.

– Она што може да се забележи деновиве има мал пораст на бројките на светско ниво. Нашите здравствени власти ги знаат точно кластерите и немаме непознати жаришта. Дел од заразените се од литијата во Струга, како и од вечерите за Ифтар. Затоа ако сакаме да се олабават мерките ќе мора да се зголеми личната одговорност преку почитување на мерките за заштита, рече Манчевски.

Tој посочува дека при носењето на одлуките Владата ќе ги има предвид бројките на новозаразени, но и психолошкиот момент за луѓето.

Одлуките ќе бидат избалансирани, вели Манчевски.