Македонија 02. мај 2018. / 19:15

Усвоен новиот закон за високо образование

Усвоен новиот закон за високо образование

Без суштинска дебата, со тивок опозициски бојкот, денеска во Собранието поминаа голем број законски решенија. Нов закон за високо образование, судски, економски реформи.

Седницата започна со еден час задоцнување, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш ја напушти салата, па на владејачкото мнозинство му требаше време, да обезбеди кворум за работа, во што помогнаа пратениците на Социјалистичката партија.

Додека траеше расправата за 60-те точки кои беа на дневен ред, опозиционерите влегуваа и излегуваа од салата. Единствено гласот го кренаа против Законот за високо образование, за кој обвинија дека ќе ја врател Македонија децении назад во времето.

„Ова беше делот кадешто тогашната опозиција спечали низа политички поени еве сега да видиме дали законот е во прашање или друго.“ – изјави Драган Данев.

Предлагачите на законот не зедоа збор. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека и таа како и претходната, „шверцерски“ носела закони по скратена постапка, а владејачкото мнозинство го бранеше дневниот ред.

„И оваа влада е критикувано за ова, зошто ако го погледнете извештајот од Европската комисија за работење на собранието, ништо не се променило.“ – изјави Данев.

„За волја на вистината од 60 точки на денешниот дневен ред, 47 се закони кои се носат во редовна постапка, а само4 се носат во скратена постапка.“ – изјави Томислам Тунтев.

Законот за високо образование беше донесен со 61 глас „за“ и 24 „против“. Тој неколку пати беше менуван пред финалната верзија и треба да ја гарантира универзитетска автономија, која студентите, во претходните години ја бараа со масовни протести и окупација на УКИМ.