Македонија 12. ноември 2020. / 00:37

Уставните судии се правдаат за платите, така им рекле амасадорите на ЕУ

Уставните судии се правдаат за платите, така им рекле амасадорите на ЕУ

Уставниот суд објасни како ги изгласале додатоци на плата за судиите во висина од 35 отсто од платата, преку интервенции во Деловникот на судот.

Додатокот за плата го донеле сами преку интервенција во Деловникот за работа. Покачувањето било за да се оствари целосна независност на Уставен, а судиите да добијат статус кој бил соодветен на нивната одговорност.

-Уставниот суд во однос на овие прашања, не само што е далеку под нивото на уставните судови на другите држави, туку е далеку под статусот од некои домашни органи основани со закон. Покрај ова, статусот на уставните судии е многу понизок од она што е на пример предвидено за судиите од редовното судство. И овде не станува збор само за тнр. материјални права, туку и за правата од нематеријален карактер за судиите предвидени со Законот за судовите, стои во соопштението од Уставниот суд.

Додаваат дека за овие прашања судиите одржале неколку работни состаноци и бил заземен став за започнување на активности за надминување на ваквите состојби. Дополнително, до власта во форма на Нацрт-предлог Закон за Уставниот суд биле доставени соодветни предлози, а паралелно биле изготвени и сеопфатни измени и дополнувања на постојниот Деловник.

-Покрај тоа, истите беа покренати и беше разговарано за нив при средбите на претседателот на Судот со амбасадорите на Европската унија, на повеќе европски држави и на САД кои беа остварени во минатиот период, каде едногласно беше заклучено дека за постоење на владеење на правото и заштита на слободите и правата, предуслов е обезбедување на горенаведените услови, велат од  Уставниот суд.

Судот три дена не даваше објаснување, зошто, како и по кој основ си ги зголемиле платите? Иако подготвија соопштение, не одговорија – дали е законски зголемувањето да биде со измени во Деловникот, наместо во Собрание, како што посочија некои правни експерти.

Дали Буџетот на судот може да издржи плус 30.000 денари за секој судија, покрај редовните плати од над 90.000 денари? Уставните судии пролетва експресно ја урнаа владината одлука сите именувани функционери, меѓу кои и тие, да земаат минималец од 14.500 денари поради корона кризата.