МНР се уште нема добиено официјална потврда од авганистанските власти во врска со веста дека македонски државјанин е киднапиран и убиен на територија на Авганистан, изјавија од Министерство.
Од МНР нагласија дека вчера веднаш по веста испратиле барање за официјална информација до авганистанските институции и оти по добивање на официјална информација од властите во таа земја, согласно законските процедури, ќе го известат Министерството за внатрешни работи.
Странски медиуми вчера претпладнето јавија дека три лица, од Македонија, Малезија и Индија, се киднапирани и убиени во главниот град на Авганистан, Кабул. Според портпаролот на началникот на полицијата во Кабул Хашмат Станекаи, нивните тела се пронајдени, а до нив биле и нивните лични карти. Портпаролот прецизира дека тројцата работеле во втората по големина компанија за храна и кетеринг во светот Содексо.
Компанијата „Содексо“, за која работел убиениот Македонец и неговите колеги кои го изгубија животот во атентат во Кабул, вчера изрази сочувство преку соопштение до јавноста.
– Претседателот на компанијата Денис Машуел ја изрази својата „длабока тага и шокираност за оваа трагична загуба“, стои во соопштението.