По големиот протест против отварањето казино во тетовска Мала Речица од почетокот на мај, Движењето против коцкањето објави дека конечно успеале да издејствуваат овој објект да не добие дозвола.
– Управниот суд донесе одлука со која не дозволува во објектот, пред кој протестиравме, да се претвори во казино. Во одлуката стои дека овој објект не ги исполнува условите за да работи како казино, а од Општина Тетово добивме одлука дека објектот не може да се трансформира од стамбен во деловен објект како што барал инвеститорот. Досега, во изминативе две години, против одлуката тука да се отвори казино сме поднеле голем број жалби и до Општина Тетово, до Управниот суд, УЈП, до Министерствата, СВР Тетово. Со оваа најнова одлука на Управниот суд, конечно се исполни нашето барање. Ние сме им бескрајно благодарни на сите интелектуалци, професори, граѓански активисти и на народот за поддршката што ни ја дадоа“, изјави Џемал Абдиу од Движењето против коцкањето, пренесе СДК.
Од Движењето најавуваат дека се во подготовка на уште еден протест, но овој пат од поголеми размери, во кој предвидуваат да се вклучат и граѓаните од другите градови на Македонија.