Македонија 21. јули 2020. / 10:44

Управниот суд до 10 часот нема добиено ниту една тужба за изборите

Управниот суд до 10 часот нема добиено ниту една тужба за изборите

До 10 часот утринава Управниот суд нема добиено пристигнати тужби од политичките партии, откако Државната изборна комисија едногласно ги отфрли сите 2.142 приговори за предвремените парламентарни избори, информира за МИА претседателот на Управен суд, Бурим Сејдини.

ДИК треба да ги достави решенијата за одлуките до политичките партии, по што почнува да тече 24-часовниот рок за поднесување на тужби.

Како што информира портпаролот на ДИК, Адмир Шабани, до 10 часот решенијата од Комисијата за отфрлање или одбивање на приговорите ги подигнале само претставници на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

По истекот на пет часа откако биле испратени се смета дека примателите ги добиле решенијата. Управниот суд има 60 часа по приемот на тужбите да одлучи по нив.

Подготвени сме да примиме тужби од страна на овластени претставници на листите на кандидати за пратеници во текот на денешниот или утрешниот ден, меѓутоа, до овој момент нема поднесено тужби – вели Сејдини.

 

Тој истакнува дека се преземени сите активности и мерки за судот да функционира во целиот свој капацитет.

Извршена е жрепката на советите за одлучување по избори, така што, убедени сме дека Управниот суд ќе успее навремено да ги изврши своите законски надлежности, а тоа е да донесе одлуки по поднесените тужби и да имаме официјални конечни резултати по одржаните предвремени парламентарни избори 2020 година – вели Сејдини.

Тој повторува дека се прават напори да се организираат и Судот да постапува најефикасно што е можно.

По одлуката на Управниот суд и добивањето на евентуалните одлуки од Уставниот судот, согласно законот, ДИК ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори. Потоа ДИК ќе им издаде уверенија на избраните пратеници.

Крајниот рок за одржување конститутивната седница на Собранието е 4 август. 

Тужби до Управниот суд најавија полтичките партии ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, Левица и Интегра.