Македонија 21. мај 2020. / 13:05

УДБ-а е мртва, да живее УДБ-а: Опозицијата на удар на подземната политика, власта молчи

УДБ-а е мртва, да живее УДБ-а: Опозицијата на удар на подземната политика, власта молчи

Нема веќе тајна полиција! Ова беше главната формулација со која минатата есен беше означен почетокот на реформите во безбедносниот сектор. И оваа формулација ја употребија и тогашниот министер за внатрешни работи, а сегашен технички премиер Оливер Спасовски, и тогашниот директор на се уште постоечката УБК, Горан Николовски.

На промотивната прес-конференција, на поставено новинарско прашање како да се именува дотогашната такна полиција, тогашниот директор тоа го остави на новинарите со забелешка дека ќе зависи од работата на реформираната служба. УБК повеќе не постои, а новоформираната Агенција за национална безбедност остана со багажот на селективност при изборот на вработените, кои беа преземени од поранешната Управа. Но, уште пострашно е дека малку се чувствуваат промени во начинот на работа и (зло)употреба на вработените во чисто политички цели.

Заклучокот неминовно произлегува од фактот дека и претседателот на најголемата опозицијска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и потпретседателот Александар Николовски веќе извесно време наназад јавно предупредуваат дека се следени и прислушувани и они и нивните семејства, но и останатите членови од партиското раководство. И на ова молчи и власта, а молчи на АНБ, која со реформите е под директна контрола на Владата.

Христијан Мицкоски неодамна во интервју за „Фокус“ побара одговор  чија пара-партиска структура организирано го следи.

-Очигледно власта е исплашена, па мора да организира следење на лидерот на опозицијата. Но, во исто време не е проблем да продолжат со крадењето на државниот буџет и да не прават ништо во однос на економската криза, објасни Мицкоски.

Во ТВ-дуелот, пак, со вицепремиерката Шекеринска, потпретседателот Николовски рече дека дека тајните служби го следат и прислушуваат врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

-За тоа што не следат тајните служби ќе има одговорност. На овие парапортали ние гледаме дека сме следени од службите на Република Македонија. Врвот на ВМРО-ДПМНЕ  и нашите семејства во моментов се под физичка опсервација и телефонски следени. Алармирам во јавноста. Каде да алармирам? Како СДСМ секогаш чекор пред нас знае што ќе направиме, а тоа се од телефонски разговори меѓу функционери на ВМРО-ДПМНЕ, објасни Николовски.

Настрана политичкиот одговор на Шекеринска и упатувањето на институциите на системот и посебно на министерот за внатрешни работи, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, зачудува леснотијата со која се прави обид за релативизирање на обвинувањата на главните личности на најголемата опозициона партија. Посебно од страна на провладините медиуми, кои несериозно работата ја вртат на „жолтите комбиња“ и неименувани извори од редовите на МВР.

Притоа, од авион се гледа и чувствува печатот на некогашната стара, добра УДБ-а како наша судба и во делот на медиумите и во делот на користењето на методите и средствата, што неминовно води кон натамошно користење на терминот тајна полиција.

Внимавајте, Мицкоски со СМС порака и наводно јавување на телефон вршел притисок врз лице во Одделот за внатрешна контрола во МВР за прекинување на истрагата за случајот „Теретана“! Информацијата, пак, доаѓа од извор што не е овластен да дава информации за јавноста! Значи, неовластен извор пушта господ знае проверена или не информација, која треба да послужи во јавноста за девалвирање на Мицкоски, кој наводно интервенирал за прекинување на истрага за случајот „Теретана“! А, како ненадлежниот извор знае за таа СМС порака и за јавувањето, ако не бил директно прислушуван телефонот на Мицкоски? И што е поважно, наводната интервенција или кршењето на основните човекови права и слободи на лидерот на најголемата опозициска партија? Скроз извртени тези.

Но, глупоста, нели, нема граници.  Па, сега предмет на истрага во случајот „Теретана“ не бил Мицкоски, туку неговите обезбедувачи од МВР!? Зарем за обезбедувањето на Мицкоски некој ќе се осмели самоволно да ги земе снимките на безбедносните камери од теретаната, па уште згора на тоа да не го знае точно датумот кога Мицкоски бил таму!? Чист печат на удбашки методи, кои заглавиле во злоупотребите во втората половина на 50-тите години од минатиот век.

Очигледно јавните прозивки на водечките функционери на ВМРО-ДПМНЕ не стигнуваат до вистинското место. Затоа нема да им биде одвише повеќе храброст и покренување постапка пред надлежното обвинителство како прв чекор и како второ документирано информирање на сите меѓународни организации и странски амбасади. Зашто, не може на избори да се оди со гулаби писмоноши и непрекината пракса на следење и прислушување со што се кршат основните човекови права и слободи, дотолку повеќе што Македонија е веќе земја-членка на НАТО и ја очекува конечен датум за почеток на преговори за членство во ЕУ.