По направените консултации со училишните управи и локалната самоуправа, произлегоа предлози со кои наставата во основните и средните училишта во општина Гостивар да се одвива со физичко присуство и онлајн преку по електронски пат. Предлозите ќе бидат испратени до ресорното министерство каде ќе се разгледаат и ќе биде донесена конечната одлука.
Во образовните установи со помал број ученици, наставата во претстојната учебна 2020/21 година, предложено е да се одржува со физичко присуство на децата во училниците. Во средношколските центри пак се планира комбиниран модел. Денес беа анализирани и последните барања на училишните управи во кои било наведено со какви услови располагаат за одржување на физичка настава и на кој начин би го реализирале наставниот процес.
Правиме напори за почеток на наставата со физичко присуство особено во училиштата каде што за тоа има можности. Така е со средното економско, со оглед дека таму паралелките помалубројни. Во медицинското да биде онлајн, а во техничкото и гимназијата комбинирано, вели Аслијан Снопче одговорна за образование во општина Гостивар.
Снопче појаснува дека првокласниците ќе ја започнат годината во училница, а потоа ќе продолжат со следење на наставата по електронски пат. Оценувањата и проверките на знаењата ќе се изведуваат во училници.
Наставниот процес во поголемите основни училишта „Гоце Делчев“ и „Мустафа Кемал Ататурк“ заради просторните услови и поголемиот број на ученици ќе биде комбинирано (онлајн и физичко присуство) а во „Единство“ и „Исмаил Ќемали“ со физичко присуство. Според Снопче, во селските средини, каде бројот на ученици е далеку помал, планирано е наставата да се одвива со физичко присуство.
Плановите и предлозите ќе бидат испратни до МОН каде според утврдената процедура, во рок од седум дена треба да се разгледаат барањата и условите на гостиварските образовни институции. Според најавите, најдоцна до 17 септември ќе биде познато на кој начин и во кој обем со физичко присуство ќе се одвива наставата во основните и средните училишта во општина Гостивар.