Македонија 17. декември 2020. / 15:15

Тутунарите незадоволни од откупната цена, го блокираа Плетвар

Тутунарите незадоволни од откупната цена, го блокираа Плетвар

Тутунарите го блокираа Плетвар, незадоволни од откупната цена. Се жалат дека имало обиди за протести и во Радовиш и во Струмица, но полицијата не им дозволила да ги блокираат патиштата во овој регион од Македонија.

За утре е закажана нова средба помеѓу тутунарите, откупувачите и министерот за земјоделство. Меѓутоа, на утрешната средба тутунопроизводителите ќе бараат писмена гаранција дека жолтото злато ќе биде откупено.

– Имаме протест во Велес, во Конче. Но, имаме проблеми во Струмица и Радовиш каде луѓето се одбиваат да протестираат. Бараат поголема организација. Ние утре ќе одиме во Струмица и Радовиш да ги охрабриме. Имаат проблеми луѓето, се одвраќаат од полицијата. Од кои причини не знаеме. Но, утре ќе појдеме таму за и тоа да го решиме. Писмени гаранции за тоа што се договоривме во Скопје. Значи, 5 отсто максимален одбиток. Да се откупи секој килограм тутун во државата, по реална цена, според квалитетот на тутунот, вели еден од организаторите на протестот.

Доколку не се постигне договор, тутунарите бараат средба со пратениците во Собранието. Велат дека нема да го предадат тутунот за цена која е поевтина за две класи.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески од собраниската говорница истакна дека во моментот тутунот се продава како р’ѓа, а не како жолто злато.

– Денеска во мојот крај, во мојот град има големи протести. Колега Павле Трајанов тутунот е маката на мојот град, тоа е маката на моите сограѓани. За овие кои ги поддржувате, кои ги лажеа моите сограѓани, кои што ги лажеа тутунарите пред изборите и му ветуваа баснусловни суми откупни, му велеа ваше е само да произведете, а наше е понатаму како ќе се справуваме со откупот и никогаш нема да остане понатаму неоткупен земјоделски производ. Сега што се случува? Истиот тој премиер кој лаже повеќе од Итар Пејо и Насредин Оџа заедно овде изгласавте закон за тутун со кој се дозволува увоз на тутун од соседните држави од надвор, а домашното производство да остане да скапува или да се откупува по никакви цени. Жолтото злато кое го држам во рака од кое живеат многу прилепчани и многу Македонци посебно во Пелагонискиот регион денеска, вчера, утре се откупува како `рѓа, не како злато. Цената од 220-230 денари која ја имавме низ годините, 12 години немаше никаков проблем со откупот на тутун во Македонија, а сега се откупува за 120-130 денари, рече тој.