Тројцата македонски државјани кои се наоѓаат на бродот „Дајмонд Принцес“ во пристаништето во јапонскиот град Јокохама се во добра здравствена состојба, соопшти Министерството за надворешни работи.
Крузерот е во двонеделен карантин во пристаништето во Јокохама, откако кај еден патник што се симнал од бродот во Хонгконг му бил дијагностициран новиот коронавирус.
Од МНР посочуваат дека Амбасадата во Токио остварила директна комуникација со тројцата македонски државјани кои се наоѓаат на бродот „Дајмонд Принцес” во Јокохама. Станува збор за двајца мажи и една жена, членови на екипажот.
Бројот на случаи со коронавирус на бродот, кој е во карантин, се зголеми на 130, јавија локалните медиуми, повикувајќи се на извор од јапонското Министерство за здравство. На бродот има околу 3.700 патници и членови на екипаж.
Од коронавирусот досега починаа 910 лица, од кои 908 во Кина, а заразени се над 40.000. Поголем дел од смртните случаи се во кинескиот град Вухан, каде почна епидемијата.