Македонија 07. јуни 2019. / 14:07

Triumphus

Triumphus

Triumphus во римското право означувало (победа, величење, славење) триумф со свечено влегување во градот на победничкиот војсководец. Правото на триумф било давано само на највисоките магистрати и тогаш кога војсководците ќе остварат исклучително голема победа.

пишува: Петар РАДОЈНИЧКИЌ

На денот кој бил одреден за триумф, поворката влегувала низ западната капија (Porta triumphalis) која само тогаш била отворана и низ неа никој не смеел да минува, освен оние кои како победници се враќале од некој поход. Додека траела триумфната поворка граѓаните на Рим свечено ги отпоздравувале учесниците на триумфната поворка, додека војниците извикувале “Io triumphe”.

Македонскиот триумф

Македонскиот триумф никако не е поврзан со војни или политички успеси, туку истиот е чисто спортски успех кој ракометарите на Вардар ни го приредија и ја направија Македонија горда. Пречекот кој илјадниците граѓаните им го приредија на ракометарите ни говори за тоа колку македонците имаат потреба од духовно и национално издигнување и обединување, после сета политичка голгота на која бевме изложени во овие неколку години. Вардар секогаш бил симбол и причина за македонската гордост и непокор, но од скоро време тој е балканска и Европска гордост кој самиот ја испишува ракометната Европска историја. Поуката која ни ја дава Вардар во овие моменти е тоа дека Европа е достижна за секој, но секако истото си има цена. Имено, цената не се состои во промена на називот и брендот кој Вардар го има изградено сиве овие години, туку макотрпна работа и многу “крв и пот” за да се постигне она што тие успеаја да го направат.

Политичкиот триумф

Македонската современа историја не познава политички триумфи, туку само ретки моменти на радост кој македонската политичка сцена им ги дала на своите граѓани. Политичкиот триумф не е нешто апстрактно, туку тоа се состои во тоа да се обезбеди подобра иднина за своите граѓани. Како долгорочен политички триумф за граѓаните на Републиката претставува членството на Македонија во Европската унија.

Но каде сме ние на тој пат и колку политички успеси изнаредивме за да можеме првенствено да отпочнеме пристапни преговори со унијата? Промената на уставното името и потпишувањето на “добрососедските” договори не ги отворија “автоматски” вратите за отпочнување на пристапни преговори на државата со ЕУ како што мислеше Владата, туку за истото треба макотрпна работа преку која ќе се спроведуваат очекуваните реформи и истите ќе се однесуваат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, намалување на невработеноста кај младите, спроведување на копенхашките критериуми, доследно почитување на начечлото на Rule of Law (владеење на правото) et cetera.
Ништо од ова не може само од себе да се исполни, туку треба политичка волја и знаење за да се “испорачаат” сите овие работи, за што се сомневам дека моменталната владеачка гарнитура има капацитет да го спроведе сето ова.

Македонската политичка сцена може многу да научи од споротот за тоа како се постигнуваат национални успеси и како се бранат државните бои. Спортот е еден од најголемите дипломатски репрезентативи на државата во меѓународниот свет. Наместо власта да ги плетка рацете во спортот за своја политичка промоција, треба да го одврзе “ќесето” и да изготви долгорочна стратегија со која спортските успеси ќе бидат причина за радост на граѓаните и успешно меѓународно претставување на Македонија во светот.