Македонија 10. декември 2019. / 11:50

Трајковиќ: Шуклев бараше секс или пари за оценка на студентка

Трајковиќ: Шуклев бараше секс или пари за оценка на студентка

Ексвработен во бифето на Економскиот факултет, Дејан Трајковиќ кој е сведокот во случајот „Еразмус”, сведочеше дека професорот Бобек Шуклев од студентка барал секс или пари, во замена за пролазна оценка. Трајковиќ бил посредник помеѓу две студентки и професорите. Како посредник очекувал сексуални односи со студентките, но тврди дека тоа не се случило.

Професорот Бобек најчесто доаѓаше во бифето. Со него имав доручкувано, а сме разговарале за многу работи. Имавме седено со две девојчиња кои доаѓаа во бифето. Тие бараа оценка кај професорот Бобек Шуклев во неколку наврати. Кога седевме јас и девојчињата во бифето, професорот доручкуваше. Тие ме прашаа дали може да се реагира професорот да се добие оценка. Јас го прашав. Тој праша како се вика и потоа рече дека нема шанси оти била слаба студентка. Потоа пак ме викна и ми кажа дека ако има секс со неа ќе и стави оценка или во спротивно треба да плти околу 1000 евра. Му кажав на девојчето, по што, таа рече дека ќе си плати но нема да има секс со него. Јас му пренесов. Професорот ми рече дека многу би сакал да има секс со нејзе, но ако неќе, да си плати. Му пренесов на девојчето”, рече сведокот Трајковиќ.

Трајковиќ во исказот кажа дека тој очекувал исто така да добие сексуални услуги од девојчињата во замена за посредувањето меѓу нив и професорите. Во својот исказ, Трајковиќ рече дека не знае како се викаат девојчињата. Тој додаде дека секој професор имал различна тарифа за да дадат преодна оценка на студентките.

По некој период, во бифето дојде демонстраторот Драган Денковски и ми рече ‘Ако сака некој да плати за оцена, можам да му завршам работа’. Со тоа што, тој ќе ми кажел цена за кај одреден професор, а потоа, со индексот и парите тој ќе заврши работа. Откако тоа им го кажав на девојчињата, тие ме прашаа за неколку професори од кои им требаат оцени. Тие ме праша за кај професорот Славе, Драги, Шуклев, но и за кај професорка.. Се слушнав со Денковски и ми кажа за кај кој професор колку пари треба. За кај Шуклев требаше да го прашам директно, за кај Славе 500 евра. Бидејќи сумите се големи, девојчињата ме прашаа дали можат да платат на рати. Јас го прашав Драган, тој рече нема шанси. Потоа ми дадоа пари за да платам за кај Драги Јанев и Славко Ристевски, а јас ги предадов кај Драган Денковски. Девојчињата прашаа до каде е работата со оценките, јас го прашав Денковски, по што тој ми рече да почекаат ако сакаат да е завршена работата. Едната ми покажа дека добила оценка, а другата беше кај професорот Славе Ристевски за да и стави оценка”, додаде Трајковиќ во исказот.

Професорот Денковски не дозволуваше студентките да се запознаат со него, рече ексвработениот во бифето, додавајќи дека неговиот исказ не може да го потврдат студентките.

Професорот Славе Ристевски го праша Трајковиќ: „Каде се парите“, по што сведокот рече: „Парите што ми ги дадоа девојчињата ги дадов на Драган Денковски“.

Обвинителството за организиран криминал за предметот „Еразмус” гони петмина осомничени, меѓу кои поранешниот декан и професор по менаџмент Бобек Шуклев. Предметот е отворен во јуни 2016 година. Професорите се сомничат дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти без знаење, а имало случаи кога студенти добиле шестка иако немале право да го полагаат испитот или не им бил пријавен во таа испитна сесија. Осомничени се професорите Бобек Шуклев, Славе Ристески, Драган Јанев и Стојан Дебарлиев.