Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ денес гостуваше во „Утрински Брифинг“ при што говореше за состојбата на СРЦ Треска.
-Вистината е многу јасна, меѓутоа Петре Шилегов секогаш сака да ја префрли топката на некој друг, т.е. на мене или на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа треба да се потсетиме дека Петре Шилегов пред почетокот на кампањата за локалните избори 2017-тата година отиде на езерото Треска, таму се сликаше со сите негови соработници или советници што требаше да бидат во Градот Скопје и во кое што многу јасно и чисто кажа дека ако го добие мандатот од граѓаните на Градот Скопје ќе го ревитализира езерото Треска. И дека после 20 години, не знам колку, езерото Треска повторно ќе биде ставено во функција. Тогаш тој ги знаеше состојбите и под кои и чии ингеренции е, и каква е состојбата со СРЦ Треска, меѓутоа ги излажа граѓаните дека тој ќе го ревиталитизира езерото Треска – рече Трајановски.
Трајановски додаде дека Шилегов својата вина почна да ја префрла на ВМРО-ДПМНЕ, во смисол на тоа дека 2011 Градот Скопје донел одлука со која што ја префрла надлежноста од Градот Скопје на Општина Сарај за СРЦ Треска.
-Тоа не е точно, нека го извади Шилегов тој документ, нека ја извади таа одлука и нека ја покаже јавно на граѓаните кога со одлука Советот на Град Скопје ја предал надлежноста на СРЦ Треска од Град Скопје на Општина Сарај. Нешто кога ќе ветиш треба да оствариш, или ако не оствариш, тогаш треба да се извиниш и треба да кажеш кои се причините поради кои што тоа не може да се оствари – нагласи Трајановски.
Трајановски посочи дека не може така Шилегов да се однесува. Не може Шилегов да не сака да разговара ниту со камперите, тоа е срамота. Како тоа без разговор и консултација Шилегов оди со булдожери и руши кампови.
-Езерото Треска оваа влада го пренамени од земјоделско во градежно земјиште. Тоа јасно зборува дека таму сака да се направи некоја градежна експанзија. Тоа таму да не биде веќе СРЦ Треска, туку таму да има многу објекти односно хотели, индивидуални куќи – појасни Трајановски.