Решението издадено од Општина Битола, а потпишано од Петровска со кое се одзема правото на сопственост на ПСК Пелистер врз планинарскиот дом Копанки е врв на лагите и лицемерието на Петровска и актуелното раководство на СДСМ во Битола, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола.
Иванчо Тошевски на денешната прес конференција истакна дека, битолчани по кој знае кој пат повторно се излажани од СДСМ и Петровска. Сите одлуки донесени во минатите состави на Советот на Општина Битола кои беа неопходни во процесот на легализација и утврдување на сопственост на планинарскиот дом Копанки се донесени со конзензус од страна на сите членови на Советот.
Од ВМРО-ДПМНЕ Битола додаваат дека во тие состави членови биле градоначалникот Петровска, координаторот на советничката група на СДСМ Илиевски, претседателот на Совет Груевски, и претседателот на СДСМ во Битола Златко Ќурчиевски. Од нив истите додека беа во опозиција и во текот на предизборната кампања постојано слушавме дека се залагаат за решавање на проблемот преку директна финансиска поддршка од страна на Општина Битола во рамки на постојната ситуација, а не преку одземање на правото на сопственост на ПСК Пелистер врз планинарскиот дом Копанки.
Почитувани од СДСМ, Членови на ПСК Пелистер се љубители на планината и планинарењето, а не членови на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ или други политички партии. Сите лаги и обвинувања кои ги изнесовте во јавноста се само потврда дека ниту имате љубов кон Битола, ниту пак знаете што значи љубов кон планината и планинарењето. Вашата “љубов” за Битола ја гледаме само кога се во прашање вашите лични интереси. Затоа бараме под итно да одговорите на следните прашања:
– Дали и зошто цело време наназад како власт ја обструирате реконструкцијата на “Копанки” од страна на ПСК Пелистер?
– Дали позади ова решение стои нова афера со уцени од типот на Коки и Кики само сега режирана од Ваш коалиционен партнер?
– Дали крајната цел е приграбување на “Копанки” од страна на лице кое е близок роднина на високфункционер од актуелната власт?
Битолчани ги знаат одговорите на овие прашања, а дали вие од власта ќе имате доблест да одговорите останува да видиме, изјави Тошевски на денешната прес конференција.