Симеон Радев станува масон по покана од Тодор Александров и бил делегат на Светскиот масонски конгрес од Бугарија во 1923 година. Ова, меѓу другото, стои во текестот на бугарски Труд посветен на денешното свечено отворање на споменикот на Симеон Радев во источната алеа на Националниот дворец на Културата во Софија, што ја поврзува со Мостот на вљубените.
Скулптурата е дело на Јанко Бонев, а проектот е на архитектот Петар Стрјасков. Целата идеја е на фондацијата „Достојни Бугари“, а финнсиската конструкција ја обезбедија масоните од Обединетата голема ложа на Бугарија.
Споменикот е подигнат во знак на благодарност за делото на Радев насловено како „Градители на современа Бугарија“, а во образложението тој се води како истакнат бугарски писател, дипломат и историчар.
Симеон Радев е роден во Ресен и е венчален кум на Павел Шатев. Но, во историјата останува запишан како потписник на Букурешкиот мировен договор од бугарска страна како тогашен амбасадор во Романија. За последиците на Букурешкиот договор за Македониај е излишно да се говори, но од тогаш останале запаметени зборовите на Радев:„Ние најмногу би сакале да бидеме Македонци, но кога веќе не можеме да бидеме Македонци би биле тоа што најмногу би можеле да прифатиме“.
При изградбата на палатата „Борис Сарафов“ или зградата на Министерството за надворешни работи на нејзиниот покрив беше поставена и мини фигура на Симеон Радев, но поради реакциите поврзани со неговиот потпис во Букурешт, таа беше веднаш отстранета.