Државната изборна комисија (ДИК) донесе ревидиран Роковник за парламентарните избори за кои политичките партии постигнаа договор да се одржат на 15 јули. Членовите на ДИК уверуваат дека ќе се направи сè за заштита на граѓаните и членовите на изборните органи од ширење на корона вирусот за што тие разговарале со здравствените власти со кои ќе изработат посебни протоколи. Ги повикуваат и граѓаните да внимаваат на своето здравје.
Роковникот е подготвен согласно владината Уредба со законска сила за изборите, со која, меѓудругото се предвидува, молкот да почне на 12 јули на полноќ, на 13 јули да гласаат лицата со Ковид-19, во изолација и самоизолација за што ќе бидат формирани посебни избирачки одбори составени од здравствени работници и претставници на партиите, а на 14 јули другите болни и затворениците кои ќе се пријават за гласање. Полнолетните граѓани на денот на изборите ќе можат да се изјаснат од 7:00 часот до 21:00 часот вечерта.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски упати апел до граѓаните дека се наоѓаме во еден интересен период пред нас, месец во којшто ќе престојат доста политички препукувања и интересни моменти, но најголавниот и најголемиот предизвик е здравствената состојба и заштитата на здравјето во овој процес.
Дали се тоа Избирачките одбори, дали се Општинските изборни комисии, здравјето на гласачите… Ние како ДИК во соработка со здравствените власти, еве и денеска разговаравме, заеднички да изготвиме одредени правила и протоколи кои ќе обезбедат максимална заштита. Како Комисија ќе се потрудиме да обезбедиме максимална заштита на здравјето на сите кои учествуваат во нашата изборна администрација, на околу 35.000 граѓани. Ќе обезбедиме пристап до гласачките места на малку поинаков начин – изјави Деркоски појаснувајќи дека тие ќе се обидат да обезбедат гласачки места со целодневно проветрување.
Претседателот на ДИК ги повикува граѓаните да имаат доверба во Комисијата и во изборната администрација и да ги следат препораките на здрвствените власти во натамошниот период затоа што е исклучително важно е за нашата држава да се гласа на изборите.
Јавниот увид во Избирачкиот список е завршен, а тој ќе биде само надополнет согласно Изборниот законик, информираше челнот на Комисијата Борис Кондарко, кој појасни дека Комисијата во идниот период ќе донесе соодветни упатства за реализација на изборите.
Согласно правните акти, Уредбата на Владата и решението на претседателот на Собранието, вонредната состојба трае заклучно со 22 јуни, на 24 јуни почнува официјално изборната кампања и таа трае заклучно со 12 јули – информира Кондарко.
Граѓаните можат да се проверат во Избирачкиот Список на веб-страната на ДИК (sec.mk)
ДИК испратила писмо до Министерството за здравство со барање до нив да достават податоци за здравствени работници по општини. За гласањето на 13 јули, ќе бидат формирани посебни здравствени избирачки одбори составени од по тројца здравствени работници и претставници од политичките партии. За ова потребно е да бидат ангажирани околу 500 здравстени работници. Лицата кои се во карантин или изолација поради Ковид-19 потребно е сами да се пријават за гласање седум дена пред денот на гласање, информираа од Комисијата. Деркоски порача дека во спротивно, тие, како и оние што ќе се заразат или бидат ставени во изолација на помалку од седум дена пред изборите, нема да може да го остварат своето право да гласаат.
ДИК го ревидирала и планот за едукација на ОИК и ИО, а ќе треба да се спроведе и едукација на здравствените избирачки одбори. За таа цел, членовите на ДИК ги очекуваат прецизните Протоколи на здравствените власти, кои како што кажа Деркоски, треба да бидат готови за два до три дена.
Елизабета Постолоска, член на ДИК истакна дека Комисијата и властите ќе обезбедат заштита за граѓаните и членовите на Избирачките одбори (ИО) и Општинските избирачки комисии (ОИК) и притоа ги охрабри членовите на ИО и ОИК да ја продолжат својата работа.
ДИК има ангажирано Агенција која ќе направи кампања за информирање и едукација на граѓаните за начинот на гласање, согласно Изборниот законик и уредбите на Владата.
Кондарко, кој е член на ДИК од СДСМ, реагираше на, како што рече, незаконско упатство на АВМУ, со кое неосновано и се одзема правото на БЕСА за платено политичко рекламирање. ДИК нема надлежност во однос на ова прашање, но тој побара да се достави барање до политичките партии, според гласовите на последните избори, тие до ДИК да достават информација за нивниот договор за платено политичко рекламирање.
Овие четири партии двете на власт двете во опзоцијата да не известат како се договориле да го распределат времето. Зборуваме за право на партии, не на учесници во кампањата – рече Кондарко.
Дел од членовите на ДИК се спротиставија на овој предлог на Кондарко, а Деркоски побара членовите на ДИК да разговараат за ова прашање, а потоа да носат заклучоци.