Македонија 28. април 2020. / 10:31

Тасева: Мерките за Ковид-19 покажаа дека државната администрација е најсигурно работно место

Тасева: Мерките за Ковид-19 покажаа дека државната администрација е најсигурно работно место

Транспаренси Интернешнл Македонија и Државната комисија за спречување на корупцијата ја продолжија својата соработка на проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, клиентелизам и кронизам.“

Пандемијата на Ковид-19 и мерките кои се преземаат за справување со оваа состојба уште еднаш покажа дека најсигурно работно место, а со тоа и најсигурна егзистенција, нуди вработувањето во државната администрација и вработувањето во јавниот сектор, рече претседателката на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Слаѓана Тасева.

И ДКСК и ТИ- М сметаат дека ова истражување уште повеќе добива на значење во овие денови на пандемија од вирусот Ковид-19, кога голем број на вработени ги изгубија своите работни места, а со тоа и своите примања, до степен на загрозена егзистенција која се јавува и како причина за семејно насилство.

„Во рамките на јавната администрација неопходно е да се воспостават правни, но и практични механизами преку кои ќе се уреди процесот на вработување и напредување. Овие механизми мора да се засноваат транспарентност и отвореност на постапките, како и на принципите на вредности со цел да се одберат најдобрите кандидати. Во спротивно, непотизмот и партиската припадност повторно ќе доминира при вработувањето во администрацијата“, вели Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.