Свети Николе е ново Ковид жариште во земјава, вирусот се враќа во Дебар, а скопските општини Чаир и Гази Баба остануваат на врвот на листата со најголем број на активни случаи.
Според извештајот на Министерството за здравство, во Свети Николе во последните 24 часа се регистрирани 29 новоинфицирани граѓани со Ковид-19 со што вкупниот број на заболени во градот достигна 88 од кои 81 се активни случаи.
Ковид-19 се враќа во Дебар, првото жариште на вирусот во земјата. Таму, во изминатото деноноќие, се евидентирани 17 нови случаи или вкупно 137 досега од кои 76 се активни.
Чаир, пак, останува општина со најголем број на активни случаи (323), во Гази Баба има 200, во Аеродром – 162, во Карпош – 147 додека во Бутел и во Центар има по 146.
Меѓу заболените, како активни случаи, се водат и пет странски државјани, како и 67 лица за кои што не се знае од каде потекнуваат.