Македонија 08. март 2019. / 14:44

Сугарески: Додека не се пушти да не се вози по новиот автопат Миладиновци-Штип

Сугарески: Додека не се пушти да не се вози по новиот автопат Миладиновци-Штип

Додека не завршат сите неопходни проверки и додека официјално не биде пуштен во употреба новиот автопат Миладиновци -Штип, граѓаните да не возат по него апелира министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

– Градежните активности на автопатот Миладиновци-Штип во сите три секции се комплетно завршени. Автопатот е многу важно да биде пуштен во употреба и тоа ќе се стори, меѓутоа поважно е уште еднаш да се извршат безбедносни проверки по сите елементи на автопатот и тоа ќе се случи во наредните денови-рече Сугарески, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека се прават дополнителни проверки со цел возачите да бидат безбедни кога возат по тој пат.

– Автопатот ќе биде за многу скоро време пуштен, меѓутоа апелирам додека не биде пуштен во употреба возачите не треба да го возат-истакна Сугарески.

Прашан за одземањето на ингеренциите на општините за управување со плажите, Сугарески рече дека ќе се предложи преземање на ингеренциите за сите општини, а не само за Охрид и Струга.

– Предлогот до Собранието може да го поднесе Министерството за транспорт и врски преку Владата или пратениците. Тоа се прави заради подобро менаџирање со  плажите. Проценка на сите е дека тоа треба да го прави државата, а не општините- рече Сугарески и додаде дека надлежностите за градежното земјите си остануваат кај општините.