Основниот Суд Скопје 2 регистрираше исламска верска заедница, паралелна на постоечката, која ја води реисот Шаќир Фетаху, пишува Порталб.мк. Од ИВЗ, остро реагираат бидејќи со закон не е дозволено регистрирање на две исти верски институции и дека е штетно за единството на муслиманите. Тие ги повикуваат граѓаните да не потпаднат под влијанието на оваа заедница, основана од судијката Сузана Дончевска, се вели во текстот на Порталб.мк.
Ријасетот на Исламската верска заедница на РМ, на редовната седница на чело со реис улема на ИВЗ Хафиз Шаќир еф. Фетаи, на 16 февруари ги разгледа последните настани, односно регистрирањето на една верска исламска заедница наречена „Селефиска исламска верска заедница Дар ел Хадит“ и процени дека е штетно за единството на муслиманите во Македонија.
– Со длабока индигнација реагираме против Основниот Суд Скопје 2 – Скопје, кој ја регистрирал оваа наводна вeрска заедница, решение кое го носи печатот на судијката Сузана Дончевска. Ова е срамен чин и многу штетен за единството на муслиманите во Северна Македонија, и како таков претставува обид за паралелизам на уставната институција на Исламската верска заедница, се вели во заклучокот на Ријасетот.
Оттаму велат дека постапката на судијката Дончевска ја сметаат за крајно тенденциозна и со ова, според нив, таа ги прекршила не само законот за правната положба на црквата, верските заедници и религиозните групи, туку и правната практика со која, за секое основање на верска заедница, мислење треба да дадат сите 5 уставни заедници на РМ.
– Законот не дозволува регистрирање на две верски заедници што имаат ист назив, што имаат исти извори и учења и ги извршуваат истите верски практики, велат од ИВЗ.
Исламската верска заедница, се вели во реакцијата, „од првиот момент ги има преземено сите потребни мерки и со остра осуда кон ова решение ги извести сите државни инстанции тргнувајќи од Претседателот на државата, Претседателот на Собранието, Премиерот како и меѓународниот фактор“.
Во врска со тоа кој стои зад ова, од ИВЗ не сакаа да коментираат, но рекоа дека ќе се придржат до законските процедури.+