Идеата на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска за укинување на додатокот за трето дете внесе несогласување меѓу владините партнери. СДСМ очекува предлогот да оди во Владата и за него да се дискутира, додека ДУИ за иницијативата дознале еден ден претходно.
Извори во двете партии потврдуваат дека во коалицијата постои сериозно несогласување.
Прашањето, според извор на Алсат кој е дел од владиниот кабинет, ќе се решава на лидерско ниво. Истиот извор дополнува дека укинувањето на исплатата за трето дете била тема на дебата и меѓу функционери на ДУИ. Интегративците во своите реакции, иако задоцнети, најавуваат дека предлогот нема да помине на влада и воопшто нема да стигне до законодавниот дом.
Министерката Царовска најави дека помошта не се укинува туку се трансформира во друг модел. Ваквиот став на Царовска, албанските опозициски партии го нарекоа тенденциозен механизам на Владата чија цел е да се спречи зголемувањето на наталитетот кај Албанците, обвинувајќи ги истовремено албанските партии на власт за неодговорност за социјална помош која ја користат најмалку 13 илјади албански семејства.