Македонија 05. март 2021. / 13:06

Судењето за „27 април“ продолжува на 12 март

Судењето за „27 април“ продолжува на 12 март

Судењето за организаторите на случувањата на 27 април 2017 година продолжува на 12 март, откако на денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци, предложени од одбраната на Миле Јанакиески.

Сведоците, од кои повеќето биле членови и претседатели на општински и месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2016 – 2017 година, рекоа дека немале никаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во врска со протестите на „За заедничка Македонија”, како и дека партијата немала донесено став за протестите пред Собранието.

Прв беше сослушан Петре Латиновски, кој рече дека во периодот 2016-2017 година додека бил градоначалник на општина Бутел во рамки на градскиот комитет, како тело, немале никогаш воопшто дискутирано за протестите „За заедничка Македонија”.

Латиновски, категорично негираше дека имал апсолутно некаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски за протестите на „За заедничка Македонија”, и рече дека доколку се најде и еден доказ за тоа, би сакал и тој да се најде од другата страна на судницата.

Прашан дали имал организирано вработени од општината за да учествуваат на протестите пред Собранието, Латиновски рече дека такво нешто ниту правел, нити пак имал сознанија за такво нешто.

– Никаков притисок кон ниту еден вработен немам направено, ниту ми паднало нешто такво на памет. Ниту пак сум имал сознанија за такво нешто, рече Латиновски.

Потоа беше сослушан советник и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, кој рече дека никогаш немале разговарано, ниту донесено некаков став во врска со протестите на „За заедничка Македонија”.

Сведокот, исто така, рече дека никогаш немал контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во врска со протестите пред Собранието.

На следното рочиште се повикани уште тројца сведоци, предложени од одбраната на Миле Јанакиески, по што ќе бидат изведени материјални докази, меѓу кои и видео материјали од системот Смарт сити.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.