Странците кои транзитираат низ Република Македонија имаат вкупно пет часа од влез во државава да стигнат до друг граничен премин преку кој ќе ја напуштат Македонија, без оглед на можноста од формирање колони или гужви карактеристични за летниот период, особено на границата кон Грција.
Сепак, поголем проблем за нив може да предизвика изјавата што мора да ја потпишат при влез во државата којашто, не смеат да ја загубат по пат, зашто нема да може да излезат од земјава.
Непочитувањето на Протоколот, односно губењето на изјавата или непочитувањето на рутата може да има за последица лицата кои транзитираат низ територијата на Македонија да бидат упатени во државен карантин, со цел да се контролира нивната здравствена состојба. Исто така, напоменуваме дека на странските државјани кои ќе транзитираат низ територијата на Македонија нема да им биде баран валиден ПЦР тест – предупредува полицијата.
Од МВР појаснуваат дека странците кои само ќе транзитираат низ Македонија, ќе имаат право да застануваат на одморалишта по автопат или на бензинските пумпи, но не смее да го напуштат односно да свртат од патот за по кој потпишале изјава дека ќе патуваат. Најверојатно ќе има контролни пунктови на кои може да се исклучат, на пример кон Куманово, Скопје, Велес, Неготино, Демир Капија, Гевгелија и секаде кај што е можно исклучување од автопатиштата.
Ако застануваат да се одморат или наточат бензин, ќе мора да се придржуваат кон мерките за заштита од епидемијата на корона вирусот кои важат овде за сите наши граѓани, а тоа е носење заштитна маски и забрана за групирање повеќе од двајца, освен ако не се работи за членови на исто семејство и држење дистанца од 1,5 до два метри.