Македонија 07. декември 2020. / 20:25

Стојкова Серафимовска: За колку Заев и Димитров ја продаваат Македонија и која е нивната награда

Стојкова Серафимовска: За колку Заев и Димитров ја продаваат Македонија и која е нивната награда

Јас сум фолклорист, етномузиколог. Мојата цел во животот е да ги истражувам македонските народни умотворби и песни. Македонскиот фолклор е еден од најубавите и најбогатите во светот. Разновиден и создаван со векови, нашиот фолклор е волшебен како ѕуница, ткаен со генерации наназад во која од секоја боја и звук одекнува македонската душа, рече Велика Стојкова Серафимовска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот протест.

Таа додаде дека присвојувале соседите, уште присвојуваат и песни и приказни си поткраднуваат, но не се плашевме од тоа, бидејќи богата ни е земјата и традицијата, мек ни е духот, гостопримливи сме ние, благи по збор и песна.

Но сега друг ни посегна по нашето, од дома ни посегнаа да не раздаваат и продаваат, божем парастос за Македонија ќе прават се накотија кодошите, расипниците, предавниците, шпиуните, се накотија оние кои овој пат не посегаат само по куќата, по душата ни посегнаа, рече Стојкова Серафимовска.

Таа во својот говор им постави прашање на Заев и на Димитров.

Кажете ми и на мене и на народот на Македонија има ли ама само една песна во која се спомнува Гоце и Бугарија?! Има л песна за Сандански и Бугарија?! НЕМА! И нема ниту да има! Кажете ми една песна за Пирин и Бугарија?! Или за Шар планина, Кожуф, Воден, Лерин, Кукуш, Могила, Битола, Охрид… Не, нема да најдете, бидејќи тие се единствено МАКЕДОНСКИ! Кажете ми вие, во оваа зграда во која сте решиле да ја закопате Македонија, кажете ми и ти Зоран Заев и ти Никола Димитров, чии се овие песни, чии се овие јунаци, чија е Копачката, чиј е Охридскиот бисер, чиј е македонскиот кавал, чија е македонската гајда? Сте прошетале ли вие од Кокино до Плаошник, од Водоча до Лешок, од Кожуф до Шара, од Пирин до Славеј планина?! Не сте прошетале бидејќи страв ви е да се прошетате во македонските села и кај македонскиот народ, бидејќи народот нема да ве пречека како јунаци, туку како предавници. Бидејќи запишал нашиот гениј Марко Цепенков, запишале и браќата Миладновци пред него, запишале вака: „секој род има изроди“!, додаде Стојкова Серафимовска.

Во истражувањата, рече таа, стои дека предавството како мотив во нашите револуционерни песни е еден од најпрепознатливите белези на македонската фолклорна традиција.

Е така и вас ќе ве запишат во народната архива, ќе ви создадат песна, како онаа за предавникот на Диме Чакре, прилепски војвода, мошне интересна по содржина и по описите на одделни нејзини епизоди преку кои се потврдува упорноста на македонските кодоши по секоја цена да ја извршат својата предавничка мисија. Има многу песни во зборникот „Македонски народни песни“ на Коста Црнушанов се посветени на револуционери кои загинале поради предавство! Песната „Заробувањето на Алексо Турунџе“ го опишува предавството на легендарниот војвода извршено од кодошот Митре Гинков. Познати се и песните за предавството на Георги Сугарев, но и предавството на Лазар Поптрајков предаден од Коте, кој му ја пресекол главата и му ја однел на грчкиот владика Каравангелис во Костур за „пендесет лири“ награда. Колку е вашата награда господа, за колку ја продадовте? Зла коб постојано била надвисната над македонската национална борба за слобода. Неединството што се манифестирало уште во времето на Кресненското и Разловечкото востание продолжило да трае со уште поголем интензитет. Туѓите пропаганди најмногу придонесувале за меѓусебните идеолошки судири со трагични последици. Мотивот предавство во нашиот фолклор е потврда за македонската трагедија на братоубиствени пресметки, појасни Стојкова Серафимовска.

Таа порача да се запомни дека народните пејачи што ги создавале револуционерните песни со мотивот предавство, предавниците секогаш ги осудувале со клетви и проклетства, откривајќи им на поколенијата дека во „секој род има изроди“.

Тешки се и мрачни овие времиња, навираат зборовите и звуците на Тешкото, тешки ни се чекорите, но стамени и силни, сигурни и одлучни бидејќи знаеме кои сме и што сме. Овој пат пуштаме вик, пуштаме глас и пееме силно како никогаш до сега да не слушнат сите во целиот свет, да го слушнат ритамот на нашето срце кое во еден глас чука за МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА, МАКЕДОНИЈА СЛОБОДНА!, рече Стојкова Серафимовска.