Македонија 27. јануари 2021. / 20:47

Стојановски: Стравувам дека вакцинацијата во земјава нема да почне ниту за два месеци

Стојановски: Стравувам дека вакцинацијата во земјава нема да почне ниту за два месеци

Додека власта заради нивната неспособност и неработење не успеваат да го решат проблемот и да ги донесат вакцините во земјава граѓание ќе ги губат животите и ќе имаме уште повеќе заболени, вели во гостувањето во Филибастер на Радио Лидер, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Бојан Стојановски.

Тој потенцира дека во Македонија не се вакцинирани ниту критичните групи, хронично болните, здравствените работници, а за овие 12 месеци од почетокот на борбата против пандемијата лекарите, полицајците се борат голораки, а хронично болните се принудени да одат на работа.

-Тука ние немаме систем и сме оставени сами на себе во оваа држава да се бориме против пандемијата. Ова зло ќе запре само кога овие луѓе ќе си заминат. А тие не ја гледаат грешката заради тоа што се арогантни, полни со себе. Не слушаат што кажува народот. Па можеме да видиме манипулации од типот „сега преговараме за 200 илјади кинески вакцини“. Јас стравувам дека процесот на имунизација и вакцинација во Македонија нема да почне ниту за месец и пол, два. Тоа е една трагична ситуација која повлекува во другите сфери на општеството, губиме во образованието, економијата ни стагнира и нема шанси ние да ја рестартираме додека сме под плаштот на оваа пандемија, изјави Стојановски.

Правејќи споредба со регинотот, Стојановски вели дека во Србија за еден ден се вакцинирани 13 илјади жители. Романија и Словенија, вели тој, се веднаш зад Србија. Се вакцинира и во Бугарија, а во Македонија апсолутно нема никаков изглед дека вакцинацијата ќе почне.

– Има едно видео од 25 декември во кое премиерот Зоран Заев вели дека нарачале 800 илјади вакцини, каде се тие вакцини? Дека вакцинацијата ќе почне во јануари, ќе почне во февруари, каде се вакцините? Дојдовме на ниво да питачиме низ околните држави. Србија рече ќе ни даде 8000 вакцини, по неколку дена премиерката Ана Брнабиќ изјави дека сакаат да ни ги дадат, но овие луѓе немаат подготвена методологија како тие вакцини да ги преземат, како да ги дистрибуираат. Тоа е еден шамар на реалноста кој што од оваа перспектива не е дали ќе нанесе повеќе штета на СДСМ или Венко Филипче, Зоран Заев, туку ние губиме животи, потенцира Стојановски.