Во затворите нема затвореници со посебен третман, тврди за Детектор, директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ. Според него, вработените во притворот во Шутка ги распределуваат собите на притворените лица внимавајќи осомничени лица во исто дело да не бидат блиску едно до друго. Прашан како Боки 13 ја добил т.н. „хашка соба“ каде има далеку попристојни услови, Стојановиќ вели дека веројатно имал среќа.
Распоредот се прави на дневна основа. Како што доаѓаат притворените лица, а доаѓаат од цела Македонија. Во затвор Шутка доаѓаат осомничени на кои им се запретени повисоки казни од 5 години. Веќе кажав дека е затворен притворот во Тетово, Прилеп и во Битола и тие притворени лица се носат во Шутка или во Куманово. Заповедникот со својот тим, како што доаѓаат притворените лица ги распоредуваат каде што има слободни места, затоа што има ситуации каде што има големи групи кои не смеат да бидат заедно во ќелија и не смеат да бидат една до друга ќелија. За Бојан Јовановски претпоставувам дека така паднал распоредот. Јас не правам разлика кој каде е сместен ниту пак се мешам во ингеренциите на установата во распоредот на собите, вели за Детектор Јовица Стојановиќ, Директор на Управата за извршување на санкции.
Боки13 се наоѓа во т.н. „хашки“ оддел во истражниот затвор Скопје. Како што може да се забележи и од сторијата на Детектор, во овие соби условите се далеку попристојни за разлика од останатите притворски ќелии.