Да се зборува за избори во едни вакви услови не само што не е нормално туку е и морбидно, и ВМРО-ДПМНЕ се противи на тоа да биде дел од сценариото на Заев за организирано убиство на граѓаните, изјави на денешната прес-конференција Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, денешниот број новозаразени и починати од корона вирусот е најсилен аргумент дека брзи избори ја движат државата кон изборна кланица, а не кон изборен и кредибилен демократски процес.
-До овде дојдовме затоа што Владата, Филипче и Заев глумеа нормализација, а новото нормално е 58 новозаразени и бројка која постојано расте. Здравјето на граѓаните мора да биде пред сечиј политички интерес без оглед дали се работи за интересот на Заев или некој друг, рече Стојаноска.
Таа додаде дека се поставува сериозен сомнеж и за работата на Комисијата за заразни болести, и препораките, што таа ги дава во изминатиот период.
-Тие се под политички притисок, наместо да го гледаат здравјето на граѓаните. Најголемиот дел се директори поставени од оваа власт, дури има и кандидат за пратеник. Но, ова не е време за водење политика, туку за носење на одлуки за заштита на здравјето на граѓаните. Комисијата исто како и владата потфрли, а бројката на новозаразени потврдува дека е доведено здравјето на граѓаните во опасност. Од тие причини ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и повикува на разрешување на Комисијата за заразни болести, и итно формирање на нова составена од експерти и надпартиски решенија кои ќе донесат итен пакет на мерки за заштита на здравјето на граѓаните. Тоа е примарно да се направи во овие моменти, изјави Стојаноска.