Дафина Стојаноска, носителот на листата во ИЕ 6 попладнево во рамки на презиборните активности, го посети семејството Чако, чија куќа е дел од националното културно наследство изградена во средината на 18 век и имаше средба со припадниците на турската заедница во Гостивар.
Заедно со кандидатот за пратеник Фуркан Чако, разговараа со сограѓаните за актуелните состојби и нивните проблеми.
Од куќата на Чаковци, која денес ја посетивме со останатите кандидати за пратеници, сакам да ги пренесам актуелните проблеми на моите сограѓани Турци. Тие во неизвесност ги чекаат своите роднини од гурбет и неизвесно им е заминувањето на оние кои треба да заминат на работа во странство. Се жалат на хаосот кој владее во МНР, заради кој не можат ни едните, ни другите да тргнат на пат. Имало и случаи да тргнат, па од пола пат да ги вратат. Затоа, не се задоволни од оваа власт. Бидејќи, не се снајде ниту со короната, ниту со економијата, ниту со дипломатијата, рече Стојаноска.
Таа се осврна и на настапите на политичките опоненти во шестата изборна единица и нивните ветувања, кажани на предизборните собири.
И додека едни партии излегуваат со исти препакувани лаги, додека други се закануваат со војни или со предизборни условувања, ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата „Обнова на Македонија“ се обврзува на мерки и проекти, подеднакво достапни за сите. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на повеќе за секого, без разлика на партиска или етничка припадност, подвлече Стојаноска.
Таа од сограѓаните ја побара поддршката за претстојните избори, нагласувајќи дека на 15 јули, бројот 14 е избор за обнова и избор за исправена Македонија.