Македонија 13. јуни 2020. / 19:00

Стаменковска Стојковскa: Десетици административци најавуваат дека ќе ги напуштат избирачките одбори

Стаменковска Стојковскa: Десетици административци најавуваат дека ќе ги напуштат избирачките одбори

Дополнителната заменичка- министер за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска Стојковска смета дека со Владата на СДСМ, административците имаат причина да бидат загрижени за сопственото здравје

Кога десетици административци најавуваат напуштање на избирачките одбори поради страв од Ковид-19, тогаш тоа треба да биде сигнал дека политиките на Владата одат во многу погрешен правец. Одговорни политичари ваквата информација ќе ја разберат сериозно и ќе се обидат да се корегираат, но за жал станува се’ повеќе јасно дека такви политичари не може да се најдат во редовите на СДСМ.

Наместо функционерите на СДСМ да водат сметка за приоритетите на државата и за здравјето и потребите на граѓаните, очигледно е дека нивна единствена преокупација е да слугуваат на потребата на Зоран Заев да се спаси од изборен дебакал и за да го сторат тоа се спремни да го жртвуваат здравјето на вработените во јавниот сектор кои се членови на избирачките одбори. Тоа веќе сите го гледаат, а најавата на вработени во јавниот сектор дека ќе ги напуштат избирачките одбори е само дополнителна потврда на истото.

Со ваква Влада и со вакви политики, административците се целосно во право да бидат загрижени затоа што знаат со каква политичка матрица се соочуваат“ – пишува Стаменковска Стојковска .

Таа вели дека вработените во јавниот сектор ја немаат заборавено изјавата на Зоран Заев дека за да остварел политичка потреба „одел на се’ или ништо“, односно „одел All-in“ како што јавно се фалеше.

Овојпат, влогот на покерашкото политикантство на Зоран Заев за што помал пораз на претстојните избори е здравјето и животот на граѓаните.

Во услови кога нашата земја руши рекорди по бројот на новозаболени од Ковид-19, кога секој ден нова институција станува кластер на зараза и кога истовремено се следат неодговорните изјави и однесувањето на функционерите на СДСМ секој би се загрижил за сопственото здравје.

Изминатиов период гледаме катастрофалното потфрлање од страна на работодавачите во јавниот сектор во обезбедување на услови за работа пропишани во одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа.

Ако власта не може да обезбеди безбедни услови за работа во околу 1.300 институции, како тогаш да бидеме убедени дека тоа ќе може да го направи во околу 3.500 избирачки места колку што ги има на територијата на Република Македонија“ – вели Стаменковска Стојковска .