Речиси цел месец во Здравствениот дом во Кичево нема вакцини против морбили. Родителите реагираат бидејќи иако сакале да ги вакцинираат своите деца, процесот секојдневно се одложува, а во меѓувреме, според препораките на Министерството за здравство, тие не можат да ги носат ниту во градинка.
–Минатиот месец донесоа многу мал број вакцини, кои веднаш се потрошија. Имаме мали деца, а во градот има заболени од вирусот. Постојано ни кажуваат дека ќе пристигнат вакцини, но не знаеме од кои причини тоа не се случува, ни изјави родител од Кичево.
Кога се јавивме во Здравствениот дом во Кичево ни одговорија дека вакцини нема и не знаат кога ќе има.
–Најдобро е вие вака да се јавувате секој ден, па кога ќе пристигнат ќе ви кажеме за веднаш да дојдете, бидејќи и тогаш не знаеме дали ќе има доволно, ни рекоа од Здравствениот дом.
„Макфакс“ се обрати и до Министерството за здравство со прашање од кои причини нема вакцини против морбили откако беше прогласена епидемија, колку заболени од вирусот има во Кичево и кои други градови имаат недостиг од вакцини, но одговор не добивме.
Тендерот за вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации на населението за период јуни 2018-јуни 2020 година беше склучен минатиот месец. Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека веќе има и нови количини од новата набавка.
-До петок ќе бидат дистрибуирани во сите центри за јавно здравје во вакциналните пунктови во здравствените домови, и во овој момент нема некој центар што нема. Залихите од претходната набавка се при крај и вакцини ќе има за сите возрасни групи за кои е препорачано вакцинирањето, рече Филипче.
Од Институтот за јавно здравје вчера соопштија дека има над 1.000 заболени од вирусот на морбили во повеќе градови, прогласена е епидемија во целата земја и сите деца кои не се вакцинирани ќе им се забрани одење во градинка. Освен овие мерка се намалува и старосната граница за вакцинирање на децата од 12 на 6 месеци. Нема дополнителни мерки за основците и средношколците.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 55 пациенти, од кои 26 деца. Во потешка здравствена состојба се 7 од заразените.