Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, во рамките на дводневната работна посета на Брисел оствари средба со Потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини.
Како што информираат од неговиот кабинет, Османи на средбата информирал за остварениот напредок во односите меѓу Република Македонија и Република Грција, изразувајќи притоа задоволство од постигнатиот напредок во затоплувањето на односите, имплементацијата на мерките за градење доверба, деескалацијата на политичките несогласувања, но и задоволство од напредокот во разговорите околу спорот за името.
„Имаме сериозен напредок и како никогаш порано двете земји не биле поблиску до решение. Наредните часови можат да бидат клучни за исходот од преговорите и се надевам дека евентуално позитивниот исход ќе создаде атмосфера за продлабочување на односите меѓу Македонија и Грција, како и услови за забрзано продлабочување на евроатланската перспектива на Македонија“, истакнал Османи.
Вицепремиерот на средбата ја информирал Могерини и за новиот реформски План 18, со кој Македонија останува посветена на реформскиот процес и по добивањето на препораката и позитивниот извештај на Европската Комисија.
„Планот 18 претставува логично продолжение на реформската агенда на Владата за системска координација и следење на имплементацијата на реформите, сѐ до почетокот на преговорите“, рекол Османи. На крајот од средбата вицепремиерот ги изразил своите очекувања дека постигнатиот напредок ќе биде соодветно валоризиран на претстојните Самити на Унијата на крајов на месецов со што, како што рекол, ќе се запечати европската иднината на Македонија, но и евроатланската ориентација на сите земји од Западен Балкан.