Техничкиот премиер Оливер Спасовски во Брисел имал средба со претседателот на Европскиот парламент (ЕП) Давид Мариа Сасоли, кој дал целосна поддршка на сите реформски чекори кои Владата, Собранието и граѓаните ги донеле во изминатиот период, соопшти владината прес-служба.
На средбата, на која присуствувал и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, било нагласено дека Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се пример во регионот и столб на европската иднина и дека земјата останува доследна на обврските за спроведување на договорите кои претставуваат пример за решавање на билатерални спорови.
– Сасоли и Спасовски се согласија дека успешните реформи и новата методологија се важни чекори кон скорешно отпочнување на преговорите за членство. Таа цел е заедничка на сите европски институции и најголем дел од државите членки на ЕУ, беше констатирано на средбата – се вели во соопштението.
Претседателот на ЕП истакнал и дека Западен Балкан е стратегиски регион за ЕУ и дека тој при посетата на нашата земја се уверил оти граѓаните силно веруваат во ЕУ и во заедничката иднина. Во таа насока, Сасоли рекол дека Европскиот Парламент ќе даде свој придонес за поддршка на Западен Балкан на Самитот во Загреб.