Министерот Оливер Спасовски денеска одржа работен состанок со претставниците на Делегацијата на Европската унија предводени од Никола Бертолини, на кој се разговараше за процесот на програмирање за ИПА III програмата што е во тек, информираат од Министерството за внатрешни работи.
– Согласно насоките дадени од страна на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија во рамките на секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“, каде што Министерството за внатрешни работи е водечка институција, беа подготвени неколку стратешки документи вклучително и два Стратешки одговори и две акциски фишеа за областите борба против организираниот криминал и граничното управување и миграциите, соопштуваат од МВР.
Министерот Спасовски на состанокот истакнал дека Министерството за внатрешни работи во изминатите неколку месеци направило исклучителни напори за обезбедување на потребните информации со цел успешна подготовка на потребните документи.
– Бертолини информираше дека Министерството за внатрешни работи во рамките на оваа програма ќе биде главен корисник на два проекта во областите борба против организираниот криминал и гранично управување и миграции. Министерот Спасовски им се заблагодари на претставниците на Делегацијата на ЕУ за континуираната поддршка со уверување дека одличната соработка ќе продолжи со несмален интензитет и во иднина, велат од МВР.