Македонија 28. септември 2018. / 18:02

Средба Дескоска-Јурова: Македонија поминува низ сериозни реформи во судството и обвинителството

Средба Дескоска-Јурова: Македонија поминува низ сериозни реформи во судството и обвинителството

Во рамки на вториот ден од работниот состанок за објаснувачки скрининг за Македонија и Албанија за подготовка на преговорите за полноправно членство во Европската Унија, дел од македонската делегација оствари две одвоени средби.

Заменик Претседателот на Владата и главениот политички преговарач, како и Шеф на Делегацијата за преговори со ЕУ, Бујар Османи, министерката за правда, Рената Дескоска, посебниот советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата и главен технички преговарач, но и шеф на техничкиот преговарачки тим, Бојан Маричиќ и државната секретарка при Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер остварија средба со еврокомесарот соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, соопштија од Владата.

Во соопштението се наведува дека на средбата, еврокомесарот Хан се интересирал за тековните процеси во Македонија и тој одново, како што велат од Владата ја истакнал нагласената поддршка на Европската Комисија кон Македонија на евроинтегративниот пат, како и при надминување на предизвиците во претстојниот период.

Министерката Дескоска, пак оствари средба со Комесарката за правда, правата на потрошувачите и родовата еднаквост при Европската унија, Вера Јурова.

Дескоска за време на средбата со Јурова, велат од Владата посочила дека Македонија поминува низ процес на сериозни реформи во областа на судството и обвинителството, како и борбата против корупцијата.

„Започнавме скрининг и за нас е многу важно да покажеме опипливи резултати, затоа што знаеме дека Поглавјето 23 се отвора прво, и затоа што немаме друга алтернатива освен ЕУ“, истаканала Дескоска за време на средбата.

Во владиното соопштение се додава и дека еврокомесарката Јурова се интересирала и за динамиката на спроведувањето на реформската агенда на Владата, а меѓудругото ја истакнала и подготвеноста на Европската комисија за поддршка на реформскиот процес.