Во Србија се планира почеток на масовно вакцинирање со руската вакцина против Ковид-19 за две недели, додека Македонија за своите планови чека да бидат одобрени вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“.
Овие две вакцини вчера се поднесени пред Европската медицинска агенција за т.н. итна постапка за одобрување. Обично одобрувањето вакцини од Агенцијата трае по 270 дена, но поради лошата слика со пандемијата, овие две вакцини треба да бидат одобрени по итна постапка која трае 14 дена.
-Според најавите одобрувањето на овие две вакцини би требало да биде во текот на овој месец, со што веќе до крајот на оваа година на пазарот на Европа би имало одобрени и лиценцирани вакцини за Ковид 19 – вели за Алфа, претседателката на комисијата за имунизација, Александра Грозданова.
Истовремено, овие две вакцини се во постапка за одобрување и во Агенцијата за храна и безбедност на САД, каде што, исто така, се очекува да бидат одобрени во следните недели.
Во меѓувреме, Велика Британија стана првата држава што ја одобри употребата на вакцината на „Фајзер“. Како што објави „Би-Би-Си“, вакцинацијата може да почне веќе за неколку дена. Британскиот регулатор објави дека вакцината, која според последните истражувања има 95% ефикасност за заштита од корона вирусот, е сигурна за дистрибуција.
Обединетото Кралство има нарачка од 40 милиони дози од вакцината, а со оглед на тоа што секој мора да прими две дози, тоа ќе биде доволно за 20 милиони жители. Дополнително ќе бидат достапни уште 10 милиони дози.
Доколку, пак, САД итно одобри употреба, „Модерна“ е подготвена до крајот на годината да произведе 20 милиони дози од својата вакцина.
Истовремено, во Србија се очекува почетокот на имунизацијата да почне за околу 14 дена со оглед на тоа што до крајот на неделата во земјата ќе пристигнат 20 дози од руската вакцина „Спутник 5“, кои ќе бидат подложени на испитување. Доколку се е во ред со руската вакцина, две недели подоцна, во Србија би пристигнале 10 илјади дози.
Како што најавија српските власти, прво ќе бидат вакцинирани лекарите, полицајците и војниците, додека за граѓаните вакцината нема да биде задолжителна.
Според претседателката на комисијата за имунизација, Александра Грозданова, и во Македонија, вакцината ќе ја прими само оној кој што ќе сака, а трошоците во целост ќе ги покрие државата.