Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на он лајн панел дискусија на тема „Перспективи и предизвици за економско вклучување на Ромите во Македонија” како дел од првото издание на РЕДИ самитот во организација на Иницијативата за Економски развој на Ромите – РЕДИ.
– Како Влада сме цврсто решени во континуитет да ја намалуваме стапката на невработеност кај Ромите, која според последните анализи, изнесува 23 проценти. Тоа е предуслов не само за напредок и развој на ромското население, туку за напредок и развој на целото општество. Како држава работиме и на тоа да ја намалиме и неформалната вработеност кај Ромите, која во просек се движи 25 проценти, бидејќи само преку нивното целосно вклучување во системот, Ромите ќе се интегрираат целосно и во заедницата, истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека околу 48 отсто од ромските семејства се корисници на социјална помош, како и дека Министерството активно работи на вадење на највработливите лица и нивно вклучување во работниот процес.
– Предизвиците со кои се соочивме поради пандемијата COVID 19, се уште поголеми кога е ромското население во прашање. И токму затоа усвоивме низа законски решенија кои овозможуваат полесно пребродување на економската и здравствената криза. Го олеснуваме пристапот до гарантираната минимална помош, до детскиот и образовниот додаток, права со кои се опфатени значаен дел од ромската популација. Обезбедивме финансиска поддршка, како и исплата на паричен надомест по основ на невработеност на лицата на кои им престанал работниот однос со спогодба, потенцираше министерката.
Таа ја истакна и важноста на измената на Оперативниот план и тоа, како што рече, кај програмата Субвенционирање плати во рамките на која опфатот се зголеми од 1 624 лица на 1 974 лица.
– Од досегашната реализација во рамките на оваа програма опфатени се 68 невработени Роми. Со ова можам да кажам дека таргетот е остварен над 65 отсто. Како Влада ќе продолжиме со несмалено темпо и интензитет да работиме на сузбивање на непријавената работа и тоа преку стимулативни мерки, како што се програмите за вработување, воведување на ваучери, даночниот систем и сл., подвлече министерката.
Шахпаска потенцира дека во државава е постигнат сериозен напредок во однос на подобрувањето на интеграцијата на Ромите во општествените текови во делот на образованието, јакнењето на граѓанскиот сектор, намалување на дискриминацијата и стереотипите, подобрување на пристапот до институциите и услугите. Но, додава, политиките за унапредување на Ромите во општеството продолжуваат.
– Со сериозен и посветен пристап резултатите ќе дојдат и тоа на сите полиња. И во делот на надминување на прашањето за лицата без документи, и за ромските деца на улица, невработеноста, сиромаштијата, големиот број Роми азиланти во земјите на ЕУ, дискриминацијата, посочи министерката за труд и социјална политика.
РЕДИ Самитот е меѓународен настан кој ги обединува носителите на европски одлуки на највисоко ниво, претставници на националните влади, граѓанското општество, корпорациите, финансиските институции и ромските претприемачи активно инволвирани во вклучувањето и економското зајакнување на Ромите.