Македонија 19. ноември 2019. / 11:31

Списите за „ТНТ“ нема да се преведуваат на албански – дисциплинска против адвокатот Даути

Списите за „ТНТ“ нема да се преведуваат на албански – дисциплинска против адвокатот Даути

Судијата Огнен Ставрев побарал од Адвокатската комора поведување на дисциплинска постапка откако адвокатот Мерџан Даути побара од судот целиот предмет за случајот „ТНТ“ да се преведе на албански јазик. Ставрев смета дека адвокатот сакал само одолговлекување на постапката.

-Ова е злоупотреба на правото од страна на адвокатите, за одоговлекување на постапката, бидејќи се изведени голем број на докази и таа е во фаза на окончување, рече судијата Ставрев.

Тој посочи дека судењето ќе продолжи во фазата каде што е стигната, а отсега адвокатот ќе добие симултан превод на рочиштата, но нема да бидат преведени материјалите, кои досега биле изведени на околу 40 судски рочишта.

Од Адвокатската комора го известиле судијата дека ќе се поведе дисциплинска постапка против адвокатите.

Адвокатот Даути во изјава за медиумите истакна дека тој се повикува на Законот за употреба на јазиците и дека му биле прекршени правата поради тоа што и на денешното рочиште немало повикан преведувач.