Македонија 09. март 2020. / 15:34

Спиро Ристовски: Обвинението се темели на претпоставки, небулози и крајно спорни околности

Спиро Ристовски: Обвинението се темели на претпоставки, небулози и крајно спорни околности

Истрагата за предметот „27 април“ беше затворена без да ми се овозможи правото на исказ односно без да ме сослуша обвинителката, па исказот го дадов по мое барање, откако истрагата беше завршена.

Ова го истакна обвинетиот Спиро Ристовски во денешните воведени зборови за случувањата на „27 април“. Тој објаснува како е можно Обвинителството за него да покрене обвинение без да даде исказ, а истото не се применило врз Никола Бошковски и Никола Груевски.

Спировски е убеден дека целокупниот обвинителен акт се темели исклучиво на претпоставки, небулози и крајно спорни околности.

-Јас и мојот адвокатски тим многу пати досега и во текот на истражната постапка и при оцената на обвинителниот акт изнесовме несоборливи докази, кои суштински и недвосмислено докажуваат дека јас не сум сторител на кривичното дело дадено како правна квалификација во овој случај, ниту пак се докажува реално превземеното дејствие опишано во овој таканаречен обвинителен акт. Сето ова кое го тврдам многу лесно се воочува за секое објективно око според таканаречените докази понудени од обвинителството, со исклучок на исказот од еден сведок, со име, презиме и надимак: Александар Василевски Нинџа, добро познат за сите кои го следат правниот поредок во Република Македонија, објасни Ристовски.

Според обвинетиот, паушалното тврдење на Обвинителството не е поткрепено со ниту еден единствен доказ од обвинителниот акт, туку е чин на произволно измислување на кривични дела од причини кои се познати само на авторот на ова таканаречено обвинение.

Ристовски најавува дека преку анализа на материјалните докази, а посебно преку распит на сведоците, кои ги предлагаат, ќе докажат дека пораката содржана во обвинителниот акт-,,Ве молам лицата за интервентни ситуации и сите други што можете известете ги да бидат на готовс во секој момент може да дадеме насоки ,, како и пораката- „Сите членови доаѓајте пред собрание, сега е моментот,, кои беа вклучени во истиот пакет на т.н. докази, а за кој претпоставува дека постои единствено за да се поткрепи тезата на обвинителството за партиска поддршка на протестите, не се испратени од него и истите претставуваат комуникација помеѓу одредени две лица кои тој не ги ни познава.

-Токму затоа е нејасно како истата ни се препишува на мене и на Миле Јанакиевски кога според материјалните докази за таа комуникација докажано е дека ниту јас ниту Миле Јанакиески имаме испратено таква порака, објасни Ристовски.