Во ноември оваа година за 21 отсто се намалени сообраќајните незгоди во државава за разлика од истиот месец лани. Минатиот месец седум луѓе го загубиле животот во сообраќајки, а во ноември 2019 година 11, што претставува намалување за 36 проценти.
Овие податоци ги презентираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Мобилната единица за безбедност во сообраќајот, која е носител на засилените акциски контроли во сообраќајот што МВР ги спроведува од средината на септември.
– По моето враќање во МВР во септември почнавме со низа оперативни акции за да ја подобриме безбедноста на граѓаните, а една од акциите е насочена кон подобрување на безбедноста во сообраќајот и пред се намалување на бројот на сообраќајни незгоди со тешки последици. Анализите покажуваат дека како што течат овие засилени контроли, граѓаните се подисциплинирани во однос на почитување на сообраќајните правила и прописи, што резултира со намалување на бројот на сообраќајни незгоди особено оние со потешки последици. Бележиме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во октомври 2020 година, а со поголем процент и во ноември оваа година, рече министерот Спасовски.
Во однос на пешаците како една од најранливите категории на учесници во сообраќајот, за истиот период се бележи намалување за 75 проценти односно во ноември 2019 година загинале четворица пешаци, а во ноември 2020 година еден. Забележано е намалување и на бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди односно воноември 2019 година 70 сообраќајни незгоди, а во ноември оваа година 37, што претставува намалување за 47 отсто.
Од започнување на засилените акциски контроли изречени се вкупно 43. 170 санкции од кои 7.404 за пречекорување на ограничувањето на брзина на движење, 615 за поминување на црвено светло, 7.306 за управување без возачка дозвола, 5.829 за нерегистрирани возила, 854 возила за јавен превоз на патници поради техничка неисправност.
Министерот Спасовски најави дека полицијата која, како што рече, професионално и посветено ги извршува задачите, ќе продолжи со засилените контроли и се заблагодари на медиумите за соработката и следењето на акциските контроли.