Ние продолжуваме по правиот пат, рамо до рамо со развиените европски и светски демократии затоа што многу постигнавме за граѓаните и државата изминативе три години, а можеме и уште повеќе и уште подобро, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски за денешното неделно издание на „Политика“.
За барањето на ДУИ за премиeр Албанаец, Спасовски вели дека за тоа ќе одлучат гласачите на избори, како што и прилега на секоја демократска држава, и на РСМ која е пример во регионот како се гради Едно општество за сите граѓани.
ДУИ е 17 години на власт и самото тоа што ја враќа националистичката реторика покажува дека нема што да им каже на граѓаните и дека е зрела за во опозиција. Колку е популистички нивниот потег зборува тоа што излегуваат со концепт за којшто не објаснуваат како ќе се реализира. Кандидат за премиер на СДСМ и на најголемата предизборна коалиција „Можеме“ е Зоран Заев и она што е клучно е што ја имаме поддршката од сите етнички заедници. СДСМ покажа дека е мултиетничка партија и може и знае да предводи Влада што се грижи за сите граѓани подеднакво: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други. Имаме потпретседатели Албанци, имаме министри и на раководни позиции претставници од сите етнички заедници: и Албанци и Турци и Срби и Роми и така натаму. Ја имаме поддршката од сите етнички заедници и мандатар за состав на новата Влада ќе биде Зоран Заев – и не затоа што СДСМ и коалицијата „Можеме“ стојат зад тој предлог, туку затоа тоа е волјата на граѓаните, оцени Спасовски.