– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва на средба со граѓаните на општина Бутел истакна дека не смее во ниту еден момент да ја пропуштиме историската шанса и да бидеме генерација која ќе ја воведе Македонија во НАТО и во ЕУ.
– Не смееме ниту во еден момент да ја пропуштиме оваа историска шанса, не смееме да дозволиме да не бидеме дел од овие историски процеси. Како граѓани на Република Македонија, без разлика на која партија и на која нација припаѓаме, без разлика во што веруваме, да не пропуштиме прилика да бидеме генерација која што ќе ја воведе Македонија во НАТО и Европската унија, порача Спасовски.
Според Спасовски токму доаѓањето на европските лидери во посета на земјава е уште една потврда и признание за нашата посветена работа, дека Македонија постигна напредок во реформите и оти покажа дека сака да оди напред, а светот ги отвора вратите за Македонија.
– Затоа треба да ја прифатиме подадената рака и да обезбедиме светла иднина на нашите поколенија, рече министерот.
Членството во НАТО значи безбедност и стабилност, гарантиран територијален интегритет, гарантирани граници, мир и благосостојба за граѓаните, потенцира тој.
– Безбедноста и стабилноста на една држава како што е Македонија не придонесува само за безбедноста на нашите граѓани туку носи безбедност и во регионот. И токму дополнително ја имаме таа одговорност да направиме се и да бидеме дел од тој голем колективен систем на безбедност, рече Спасовски.
Членството во НАТО, додаде тој, значи и економија, затоа што тоа ги охрабрува странските инвеститори, но и домашните компании да вложуваат во земја со стабилна економија.
– Примерите за просперитет на земјите кои станаа членки во овие два сојуза ги имаме и во регионот. Добиваме раст на животниот стандард, раст на вработеноста, платите, инвестициите, повеќе пари од фондовите на ЕУ за инфраструктура, образование, здравство и во земјоделството, истакна Спасовски.
Министерот Спасовски уште еднаш ги повика сите граѓани да излезат на референдумот кој ќе се одржи на 30 септември.