Македонија 25. април 2020. / 13:45

Спасовски: Со градоначалникот на Куманово имаме принципиелни професионални односи

Спасовски: Со градоначалникот на Куманово имаме принципиелни професионални односи

Прашањето околу кумановската средба станува актуелно само кога ќе се земе предвид дека се чекале резултати од тестирања на членови на Општинскиот кризен штаб, за коишто јас како премиер, министерот за здравство и членовите на Владата кои бевме таму, не бевме информирани, вели во интервју за порталот Фактор, премиерот Оливер Спасовски, додавајќи дека очекува надлежните органи да утврдат и да излезат со прецизни информации во јавноста.

Спасовски вели дека крајно несериозно е и неодговорно, од кого било, врз основа на претпоставки или што и да е друго, да се извлекуваат некакви заклучоци.

– Еве уште еднаш ќе повториме, нема затајувања, имаше континуирани и разни барања од страна на Општинскиот штаб во Куманово, коишто се разгледуваа на Главнот координативен кризен штаб во Владата и се даваше соодветен одговор. Дел од тие барања значеа и потреба за увид на ситуацијата на теренот со цел и во Куманово, како и секаде во државата, да се поставиме соодветно на ситуацијата и околностите. Согласно таквите барања за различни мерки, беше договорен состанокот и не верувам дека некој има дилема дали тој состанок со ОКШ на Куманово требало да се одржи, вели Спасовски.

Тој вели дека со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, имааат принципиелни професионални односи и таа комуникација така и ќе продолжи за доброто на граѓаните на Куманово.

– Да ги оставиме шпекулациите за оние кои немаат со што друго да се занимаваат, иако оваа ситуација во којашто ни се наоѓаат луѓето и државата, сметам дека го прозива секој поединец, човек, личност на раководна позиција, граѓанин, да се фокусира на придонесот што може да го даде во надминувањето на здравствено-економската криза во државата и да се однесува совесно. Целосно сум посветен на доброто на моите сограѓани во Куманово и на доброто на граѓаните во целата наша земја. Оваа криза ќе заврши, но ќе се памети кој успеал да се издигне над личните интереси во интерес на колективното добро. Тоа е за мене и како човек и како премиер единствен и врвен приоритет, потенцира Спасовски.