Директорката за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи, Сузане Шуц, по средба со техничкиот премиер, Оливер Спасовски, изјави дека Германија целосно го поддржува членството на Македонија во ЕУ и во тие рамки и скорешно отворање преговори со нашата држава.
Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата е констатирано дека земјава се наоѓа во значаен период кога го очекува заокружувањето на членството во НАТО, дека се реализирани значајните реформски процеси и дека поради тоа постои свесност кај европските држави дека позитивната одлука за почеток на преговорите е заслужена.
Спасовски при тоа изразил благодарност за големата, пријателска и принципиелна поддршка од Германија кон Македонија и граѓаните на нашата држава.
– Се зафативме уште помотивирано за реформите значајни за граѓаните и за европските перспективи, за да ги покажеме нашите сериозни определби кон европските интеграции. Во тој дух, низ дијалог го донесовме и Законот за јавното обвинителство. Ги развиваме добрососедските односи и работиме преку почитување на Уставот, на имплементацијата на договорите со Грција и со Бугарија. Ги исполнивме очекувањата, донесовме важни, историски, храбри одлуки и со право очекуваме дека ова ќе биде вреднувано од нашите пријатели, земјите членки на ЕУ – изјавил Спасовски.
На средбата соговорниците констатирале дека политиките на дијалог што ги применува Владата се придобивка кон развојот на добрососедските односи и стабилноста во целиот регион, како и дека отстапките од овие позитивни процеси не носат ништо добро ниту за земјата, ниту за регионот.
– На состанокот се посочени придобивките од Берлинскиот процес, со којшто годинава претседаваат нашата држава и Република Бугарија. Во пресрет на утрешниот Форум во Скопје на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, што се организира во рамки на Берлинскиот процес, оценето е дека заедничкото претседателство на С. Македонија и на Бугарија е значајно признание за придонесот на двете држави во напредокот и во регионалната соработка, како и дека самиот процес е од значителна важност за таа соработка на патот кон ЕУ – се истакнува во соопштението.