Треба да се овозможи воспоставување стандардизиранa мрежа од институции, кои ќе гарантираат сет на услуги за заштита од семејното насилство, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во рамките на денешната јавна расправа во собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
– Станува збор за системски закон, комплексен според вклученоста на бројни институции надлежни за постапување – центрите за социјална работа, полицијата, обвинителството и судовите, но неговата доследна имплементација, пред сè, ќе зависи од подготвеноста на сите субјекти вклучени во системот на превенција и заштита од родово-базираното насилство, изјави Спасовски.
Тој додаде дека еден од клучните приоритети е и усогласување на законската регулатива со ратификуваната Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.
– Ако се земат предвид целите на законот: спроведување на принципот на еднаквост, елиминирање на стереотипите за родовите улоги, превенирање од сите форми на родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство, како и утврдување мерки и активности за заштита на жртвите на родово-базираното и семејното насилство, притоа доследно почитувајќи ги основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот и со ратификуваните меѓународни договори, тогаш факт е дека законот ги опфаќа сите аспекти на постапување на институциите. Почнувајќи од првиот одговор, преку соодветниот третман на жртвите на насилство со целосна заштита на процедуралните права, па сè до соодветниот третман на сторителот и преземање на сите мерки за гонење, нагласи Спасовски.
Според министерот, со имплементација на ова законско решение ќе успееме да дадеме заеднички ефикасен одговор, согласно веќе воспоставениот концепт за нулта толеранција на овој социодевијантен предизвик.