Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање појасни дека веднаш откако тој ја добил информацијата од Вилма Русковска дека е можно Сашо Мијалков да побегне, тој ги информирал директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, директорот на АНБ, Виктор Димовски, претседателот на Владата, Зоран Заев како и јавниот обвинител, Љубомир Јовески.
– Сметав дека треба да се кажат работите и веднаш да се делува и сите луѓе кои се по линија на хиерархија беа известени. Во истиот момент тие беа значајни и се одеше кон тоа преку известувањето да побара обвинителот притвор. Сметам дека мора да се бара и утврдува одговорност во сите институции и не го амнестирам МВР од тоа, но јас не гледам дека има таква причина. Уште во петокот еден од обвинителите ја споделил со член на Владата непотврдената информација дека е можно Мијалков да побегне, но ова треба и официјално да се потврди, вели Спасовски.
Министерот за внатрешни работи посочи дека има двојни аршини во постапување, а како пример за тоа го наведе барање за притвор во случајот „Монструм“ уште во текот на доказната постапка.
– На крајот на ноември се бараше притвор за „Монструм” уште во тек на судската постапка, а овде во завршна фаза пред пресудата за „Таргет-Тврдина” не се бараше притвор. Моите информации говорат дека двајцата обвинители претходно се консултирале за да побараат притвор, но тоа се само мои информации и треба да се проверат. Обвинителите се консултирале со нивни претпоставени за барањето за притвор за Мијалков, додава Спасовски.