Направивме пресврт и разлика, од општество во кое 11 години се газеше врз достоинството на луѓето станавме општество во кое се помага на сиромашните и ранливите, држава која се стреми сите да имаат и да уживаат еднакви права, истакна претседателот на Владата, Оливер Спасовски, кој заедно со заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска извршија увид во работите на училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ во Општина Шуто Оризари.
Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека Владата во изминатите три години покажа што значи вистинска грижа за сите граѓани подеднакво.
Покажавме дека македонското општество и нашите граѓани можат да бидат и солидарни и грижливи, дека може да се помогне на секоја индивидуа или заедница на која тоа и е потребно. Социјалната помош ја зголемивме за 300 отсто и неколкукратно го зголемивме опфатот на корисници. Воведовме детски и образовен додаток за поефикасна борба против детската сиромаштија. Минималната плата ја зголемивме од 9.000 на 14.500 денари. Го решивме проблемот со стечајците, денес околу 12.000 стечајни работници добиваат по 8.000 денари до нивно пензионирање, потенцираше премиерот Спасовски.
„Грижата за најмладите останува во врвот на приоритетите и на Општината и на Владата. Над 450 деца Роми чии што семејства се во социјален ризик се ослободени од плаќање партиципација за посетување на градинка, во рамки на блок дотациите што локалните самоуправи ги добиваат од Министерството за труд и социјална политика. Раниот детски развој е основата за понатамошниот развој и едукација на секој поединец и токму затоа во изминатите три години посветено и силно работевме на вложување во раниот детски развој. Инвестирано е во вкупно 43 градинки, а истовремено се јакнат и професионалните компетенции на воспитувачите, преку различни програми но и со зголемување на платите. Само во текот на мината година платите на вработените во градинките се зголемени за 26 проценти“, ја акцентираше грижата и за најмладите од страна на Владата премиерот Спасовски.
Независно од оваа програма, дополнителни 6.000.000 денари од буџетот на Министерството за труд и социјална политика се наменети за внатрешно опремување на нова детска градинка „8-ми април“ во Општина Шуто Оризари. Со овие, и со други проекти во образовните и другите политики за еднаков пристап за развој на општеството, системски ја решаваме инклузијата на деца Роми со вклучување на единиците на локална самоуправа, како дел од зацртаните цели од Националната Стратегија за Роми“, финално потенцираше во својата изјава премиерот Спасовски.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули се осврна на планот за чист воздух и енергетска ефикасност на државните и јавни установи имплементиран преку Министерството за животна средина и просторно планирање и во ова училиште.
Она што е важно е дека ова хортикултурно уредување е опремено со системот „капка по капка“ и садењето е со плодородни дрвја бадеми и лешници за да можат децата и визуелно да учат. Преку планот за чист воздух оваа година ќе интервенираме во здравствениот дом овде во Шуто Оризари во вредност од 230.000 денари. Би сакал да потсетам за овој пост ковид период и заложбата која ја имаат сите земји во Европа да нема државна зграда да не е енергетски ефикасна и што загадува е практично истата заложба што ја имаме и ние. Со милион денари е интервенирано кон Општината Шуто Оризари за енергетска ефикасност со што ќе се зголеми за 30 проценти ефикасноста и така ќе одиме во сите јавни и државни установи во следниот период бидејќи тоа е најдобриот начин да се справиме со аерозагадувањето а во рамки на борбата со аерозагадувањето планирано е поставување на мерна станица која што ќе ги детектира вредностите. Во овој момент во градот Скопје последната зимска сезона на претходната Влада во однос на оваа за 60 проценти е намалено во просек загадувањето по број на денови и по максимална и минимална концентрација, истакна Макрадули.